Закинтос или Занте (неговото италијанско име) е лоциран на западното крајбрежје на Грција. Островот го добил своето име според Закинтос, синот на легендарниот аркадиски владетел Дарданос.

Додека островите Иос и Кос се поврзуваат со добра забава, а Родос и Крит за семејните одмори, Закинтос е нешто помеѓу. Поголемиот дел од плажите, градовите итн. се лоцирани на јужниот и источниот брег, додека западниот и северниот се претежно планински, често со карпи кои се спуштаат стотици метри во длабочините на морето.
Главниот град Закинтос, се наоѓа на источниот брег. Ова е единствено место на островот каде во екот на туристичката сезона има повеќе мештани отколку туристи. Поголемиот дел од островската популација која брои околу 35.000 жители живее токму во овој град. Во градот постојат мноштво хотели околу пристаништето, но плажата тука е многу мала и карпеста, па најчесто Закинтос не се наоѓа на туристичката понуда на агенциите, туку соседните градови. Градот е културен центар на островот со голем број импресивни музеи, а еден од најпопуларните е Музејот на византиската уметност.

Лаганас e главниот град за забава на островот. Главната улица се состои речиси во целост со ноќни клубови, барови и ресторани за брза храна. Лаганас е популарна дестинација за помладите посетители, на 18-30 годишна возраст. На самата плажа има добри барови и ресторани по целата нејзина должина.

Доколку својот одмор го поминете на Закинтос, добро е да ги посетите:
Сините пештери кои се наоѓаат источно од ‘ртот Скинари, на северниот дел од островот. Серија од геолошки формации го создаваат ваквиот пејзаж. Природните сводови кои се влез во пештерите се дело на ерозијата, но овие пештери се најпознати по азурната боја на водата која е најубава наутро кога светлото е најсилно, па оттаму и го добиле името Сини пештери. Кианон пештерата е најголема. За да стигнете таму потребно е да изнајмите бротче или да отидете на организирана обиколка. Секако ќе ги забележите рекламите на тур-операторите. Всушност, има Сини пештери на три локации околу островот (‘ртот Скинари, Пештерата Кери и Порто Вромим)

Плажата со остатоци од брод (Навагио)
Бродот се смета дека бил криумчарски и се закотвил на прекрасниот мал залив во 1981. Како што стои во грчките реклами, тој се наоѓа на западниот брег и најдобро е да се посети тргнувајќи од Порто Вроми. Одете таму или рано наутро или попладне (после 15:00ч), бидејќи во меѓувреме плажата е преплавена со бродови и туристи, па неретко се случува таму да се укотват и по 20 бродови кои носат по неколку стотина луѓе одеднаш на копното.

Oд плажите, посетете ги:
– Агиос Николаос – најдобрата плажа на островот, мал залив во прекрасно природно опкружување во регионот Волимес, 30km од градот Занте. Оваа плажа го добила името според малата капела која се наоѓа во непосредна близина. Од овде можат да се изнајмат бротчиња до сините пештери. Песокот на самата плажа е со црвенкаста боја, а плажата најмногу е наменета за младите луѓе кои сакаат да испробаат разни спортови на вода.

– Аликес/Аликанас – ова е долга песочна плажа и една од најпознатите на островот. Се наоѓа на 18km од градот Закинтос во близина на истоименото место. Името го добила според фармите за сол кои порано биле главен извор на приход за островјаните. Туристите на оваа плажа доаѓаат исклучиво заради кристално чистата вода и убавиот песок. Регионот околу оваа плажа е интересен за љубителите на археолошки испитувања бидејќи нив ги има многу во околината. На самото место Аликес има мноштво ресторани, барови и продавници. На оваа плажа можете да научите скијање на вода и да изнајмите педалинка. Аликанас е продолжение на Аликес плажата. Плажата е песочна и на крајот се наоѓа мало пристаниште за бротчиња кои доаѓаат овде за риболов. Од овде се организираат посетите на сините пештери.

Дафни – Убава песочна плажа каде сообраќајот е забранет. Ова е тивка плажа со само неколку локали на плажата, таверни за храна и пијалаци заедно со лежалки.

Геракас – Ова е една од поубавите плажи на островот и се наоѓа на самиот југ на Закинтос. Дел е од националниот парк, има 30-тина чадори за сонце, но не смеете да поставите свој чадор за случајно да не погодите гнездо од заштитениот вид морски желки кои тука ги положуваат јајцата. Од истата причина нема ни барови на плажата за бучавата и вештачкото осветлување да не ги вознемируваат желките. Над плажата има голем паркинг и на влезот на самата плажа се наоѓа штанд на кој волонтери делат летоци со упатства кои мора да ги почитувате во текот на престојот на плажата. На плажата е јасно ограничен просторот каде желките положуваат јајца и тука пристапот е забранет.

Доколку ова Ве привлече да го посетите островот Закинтос погледнете ја нашата понуда за лето 2019 ЛИНК