8-ми декември – ден на Св. Климент Охридски. Македонската православна црква со посебно внимание, но и со гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец.

Првиот македонски архиепископ и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Свети Климент заедно со Свети Наум Охридски се најистакнатите ученици на Светите браќа Кирил и Методиј.  Св. Климент ја основал познатата Охридска книжевна школа. Таа била наречена и прв словенски универзитет, во кој оспособил над 3.500 ученици за црковна богослужба. Паралелно со црковната и педагошката се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Се претпоставува дека Св. Климент е роден околу 830/840 година. Починал на 9 август во Охрид. Бил погребан во гробот што самиот си го подготвил во црквата „Св. Пантелејмон.“ Уште за време на животот Св. Климент својот именден го празнувал на денот кога Светата христијанска црква го празнувала споменот на Светиот свештеномаченик Климент папа Римски  на 8 декември.