Некои луѓе ова го чекаат цела година. Ако си еден од нив сигурно веќе ти се купени картите, џепарацот заштеден, гардеробата спремна.

Летната сезона на фестивали е отворена, вие само треба да се одлучите на колку од нив ќе успеете да отидете до крајот на летото.

Како што температурите растат, љубителите на музиката и журките се подготвуваат за целодневна забава на сонцето. Наеднаш 2 дена без туширање, јадење само чипс и пиво станува прифатливо. Правилата за „нормално“ не важат. Ослободувањето од сите стеги и обврски што значат „да се биде возрасен“ е причината што од година во година стотици илјади луѓе се одлучуваат да посетат некој фестивал во текот на летото.

Но слободата и љубовта кон добрата музика не се единствените привлечни фактори. Со нив доаѓа и засиленото чувство на заедница. Секој е дојден со некоја причина, која и да е, сите имаат нешто заедничко.

Кога бирате кој фестивал би го посетиле најважен треба да ви биде Line up – от. Дестинацијата и атмосферата на фестивалот се исто така важни.

Не сте сигурни каде да започнете со барање? Погледнете ги овие 9 предлози:

1. Creamfields, Daresbury, UK

Четири дена, полињата во Cheshire се превземени од овој фестивал. Насекаде одекнуваат електронски ритмови од техно до транс. Овој фестивал е мека за љубителите на електронската денс музика во сите форми. Некои од најголемите артисти на планетава вклучувајќи ги и Martin Garrix, Armin van Buuren и Carl Cox, се преставуваат на овој фестивал со совршено изведени DJ сетови пред огромната публика.

За оваа година Line up-от ги вклучува иконите Armin van Buuren, Carl Cox и Tiesto. Бидете сигурни дека Creamfields 2018 и оваа година ќе биде експлозија на позитивна енергија како и претходните.

2. Glastonbury, Glastonbury, UK

Без сомневање, Glastonbury е најголемиот настан во Британија, кој привлекува околу 175,000 луѓе секоја година. Мирните полиња во Glastonbury се преплавени со бранови од туристи кои сакаат да ги доживеат настапите на некои од најголемите ѕвезди. Досега овде настапувале Beyoncé, Muse, Arctic Monkeys, Ed Sheeran и Adele.

Како додаток на ултра познатите имиња, фестивалот остава место и за непознати артисти со потенцијал. На сцената наречена BBC Introducing започнале кариерите на многу познати Британски артисти кои денес се популарни како James Bay и Florence and the Machine.

Имајќи ги на ум спонтаните поројни дождови во Британија,фестивалот неизбежно се претвора во кал- фест. Но без чизмите до колена доживувањето не е „тоа тоа“

Запамтете дека секоја 5та година овој фестивал не се одржува за да може земјата во Glastonbury и локалците да се одморат.

3. Awakenings, Amsterdam, The Netherlands

Само прогласениот „најдобар техно фестивал во светот“ се враќа во Амстердам оваа година за уште едно викенд лудило. Преку 100 артисти од целиот свет го составуваат line up – от, вклучувајќи имиња како Pan-Pot, Adam Beyer и Len Faki. Awakenings е огромен фестивал. Привлекува околу 80,000 people во 2 дена.

Фестивалот е сместен во опуштен парк со прекрасно езеро во средина. Се е многу зелено и пријатно за релаксирање, во контраст со високото ниво на енергија од музиката.

Има неколку големи подиуми на отворено и неколу шатори. Се е направено со многу љубов и тоа се чувствува. Атмосферата е многу релаксирана. Dj листата е разнолика. Некои се во музичката индустрија долги години, а некои се сосем нови артисти, но миксот е супер!

4. Exit, Novi Sad, Serbia

Exit започна како студентски протест против владата во 2000та. 18 години подоцна, овој настан е еден од најдобрите музички фестивали во Европа..

Exit се одржува на легендарната тврдина во Нови Сад. Генерално вклучува листа на изведувачи од многу различни жанрови. Во текот на три дена, може да очекувате да слушнете hip-hop, EDM, rock, reggae, drum and bass и многу други правци.

Овогодинешниот line-up веќе изгледа импресивно со David Guetta, Ziggy Marley и Jax Jones на листата на изведувачи.

Преку ден фестивалџиите одмараат на градската плажа уживајќи во добрата и и ефтина храна и во сонцето, пред да и се препуштат на вечерта. Имајки на ум дека е помал фестивал нема толку големо чувство на хаотичност и клаустрофобичност. Преполно е со добри вибрации и добра музика до изгрејсонце.

5. Tomorrowland, Boom, Belgium

Tomorrowland е нешто што не се пропушта за љубителите на електронската музика. Секоја година го посетуваат 185,000 луѓе. Картите се распродадени буквално во неколку минути.

Целото место изгледа како тематски парк. Tomorrowland поточно е местото каде се случува цела акција, додека Dreamville е за кампирање и релаксирање.

Некои травел блогери го нарекуваат чудо на Дизни за возрасни особено возрасни што сакаат фестивали и електронска музика.

Квалитетот на продукција е неспоредлив, а деталите внесени во дизајнот на целиот парк помеѓу Брисел и Антверпен слободно може да му парира на Дизниленд.

Духот на Tomorrowland е скоро како да сте на Олимписките игри. Карта се добива многу тешко, но е вредна секој цент!

6. Mysteryland, Haarlemmermeer, The Netherlands

Ако има едно нешто што Холанѓаните го прават добро, тоа е организирање на неверојатен настан. И овој фестивал не е исклучок. Декорот овде е како од бајките, со самовилски светла и цвеќиња во најразлични бои кои му даваат магично чувство на просторот. Длабоките вибрации од drum and bass, techno и house го исполнуваат воздухот. Овие карактеристики ја прават сцената на Mysterland привлечна за повеќе од 100.000 луѓе.

Но, на Mysteryland не се врти се само околу музиката. Фестивалот има и изложби на локални артисти, мало кино и други настани. Главната сцена е отворена арена, но околу неа е шума со тајни патчиња кои водат до chill зони со интересни активности.

7. Sea Dance, Budva, Montenegro

 Sea Dance Festival се одржува на преубавата плажа Jaz, опколена со планини. Ова е еден од фестивалите со најубав пејзаж.

Според легендата Sea Dance потекнува од античките морнари кои изведувале церемонија за да го задоволат Нептун, Бог на морињата, пред да отпловат.

Премотајте напред неколку векови и еве го пак. Фестивалот се враќа, само овој пат наместо морнарски песни слушаме интернационални Dj – и.

Температурите се движат околу 30 степени за време на фестивалот. Тоа значи дека редовен скок во Јадранот е неопходен и не звучи воопшто лошо

8. Sziget Festival, Sziget Island, Budapest, Hungary

Sziget Festival е еден од најголемите музички и културни фестивали во Европа со повеќе од 1000 изведби секоја година. Се одржува северно од Будимпешта на зелено островче на реката Дунав која ги дели Буда и Пешта. Познат како фестивал на слободата, со мешавина од жанрови, фестивалот го окупира островот Маргарет цела недела, 24/7. Ова е еден од најочекуваните фестивали на континентот.

Сите карти, кои имаат пристапна цена, вклучуваат и кампирање. Присутните можат да си постават свој шатор, буквално било каде. На овој фестивал, скоро ништо не е забрането.

Главната сцена носи артисти како Macklemore, Ryan Lewis, Alt-J, Pink и Major Lazer, исто така има и огромна сцена за електронска музика и хип хоп и се помеѓу. Штандовите за храна дури имаат своја музика и свои подиуми.

9. Colours of Ostrava, Ostrava, Czech Republic

Во Чешка може да се доживее многу повеќе, од само Прага. Colours of Ostrava festival  е уникатен фестивал кој е домаќин на скоро секој жанр на кој можете да се сетите. Артистите свират се од блуз, поп, џез, фолк, електронска музика и многу други жанрови во текот на цели 4 дена.

Ова е единствениот фестивал од ваков тип во Централна Европа. Локацијата е во поранешен рударски комплекс, Dolní Vítkovice, кој иако е навидум малку груб простор, одличен е за летен фестивал. Атмосферата е неверојатна, многу луѓе се облекуваат во различни стилови, улиците се полни со фантастична храна, штандови на локални дизајнери и секако доволно алкохол. Сепак, за Чешка зборуваме!

Иако често има големи имиња кои настапуваат ( во 2017, Imagine Dragons, LP и Norah Jones), има доволно простор засекого. Веќе богатата програма ја засилуваат и разни работилници, театарски изведби и проекција на филмови. На никого не може да му биде досадно.