Со појавата на новиот корона вирус, сите патувања се откажани со цел минимизирање на движењето ширум светот и заштита на здравјето на луѓето. Се надеваме дека ги почитувате препораките за здравјето на Владата и седите дома. За тие што сте носталгични по среќните и забавни мигови од претходното патување, STAFF Travel Agency издвојува 6 работи кои можете да ги направите од вашиот дом до следното патување:

  • Разгледајте ги фотографиите од вашите патувања и потсетете се на незаборавното искуство

Земете ги вашите развиени фотографии, вашиот мобилен телефон или апарат и разгледајте ги фотографиите од вашето претходно патување. Во моментов сите патувања се откажани, меѓутоа можеме да се потсетиме на авантурите и среќните моменти од претходните патувања и за момент да се вратиме на дестинациите кои веќе сме ги посетиле.

  • Изберете ги најдобрите фотографии и направете колаж

Искористете го вашиот компјутер или мобилен телефон и изберете ги најдобрите фотографии од вашето претходно патување за да направите колаж. Па така, на едно место ќе ги имате најубавите моменти на кои ќе можете да се потсетите кога ќе посакате, без премногу пребарување. Колаж можете да го направите и со развиени слики кои ќе ги прикачите на некое катче во вашиот дом, па така ќе го разубавите домот со прекрасни фотографии и среќни мигови поминати со вашето семејство.

  • Размислете каде следно би сакале да одите, разгледајте ги дестинациите и изберете ја локацијата за вашето следно патување

Понекогаш имавте чувство дека избрзано решавате каде ќе одите на летување следната година? Во моментов, поради настанатата ситуација сите патувања се откажани, што ви дава простор убаво да размислите за вашата следна дестинација. Додека седите дома, пребарајте одредени дестинации кои би сакале следно да ги посетите и бидете подготвени за моментот кога ќе можеме повторно да патуваме.

  • Водете дневник каде ќе ги запишете спомените од вашите патувања

Толку многу патувања и толку многу спомени. За да не ги заборавите омилените мигови од вашето патување запишете си ги во дневник за патување. Па така, на едно место ќе ги имате сите прекрасните моменти и дестинации кои сте ги посетиле и секогаш ќе можете да се навратите и да се потсетите на нив.

  • Изберете ја летната гардероба од вашиот плакар за следно патување, останатото одвојте го за донации

Никогаш немавте време и причина за да го средите вашиот плакар? Еве две причини – одвојте ја летната гардероба што би ја носеле на вашето следно летно патување и бидете подготвени, а притоа одвојте ја и зачуваната гардероба која повеќе не ја носите за донации.

  • Разгледајте ги филмовите за патувања и уживајте во пејсажите на прекрасните дестинации

За крај, бидејќи во моментов не можеме да уживаме во патувањето, ви препорачуваме листа на филмови преку кои виртуелно ќе отпатувате и ќе уживате во разните дестинации низ светот:

  1. “The Secret Life of Walter Mitty”
  2. “Eat, Pray, Love”
  3. “Ugly Delicious”
  4. “Sisterhood of the Traveling Pants”
  5. “Mamma Mia”
  6. “Parts Unknown”
  7. “The Imagineering Story”