Минатата година имав среќа да патувам низ Европа, 2 месеци со најдобрите другарки. Одлука што не ја донесов лесно, што се должи на мојата несигурна природа и тенденција да премислувам се по 100 пати.

Имам големи сонови и многу очекувања. Слободно можам да се наречам сонувач. Затоа кога одлуката премина од идеа во план, бев истовремено возбудена и преплашена.

За среќа, истражувањето на Европа стана нај неверојатното искуство во мојот живот и со радост очекувам некое доживување што би го надминало тоа. Подолу се некои сознанија што ми се случија за време на патувањето и како овие навидум мали фактори ми го променија животниот стил.

ЖИВЕЈ ВО МОМЕНТОТ

Јас сум прва што ќе признае дека сум control freak. Идејата да се биде комплетно спонтан, ме плашеше до коски, но ако некогаш беше вистинското време да се препуштам, тоа беше тоа време.

Јадев храна што нормално не би ја ни погледнала, танцував по маси, и пиев на тони коктели. Посетив некои од нај импозантните цркви и го гледав светот од врвот на Ајфеловата кула. Спиев на автобуски станици и скокнував од град во град без претходно испланирано сместување.

Можеби фактот што бев далеку од сите грижи на мојот нормален живот или едноставно фактот што знаев дека ова е искуство од типот „еднаш во животот“ се причини за мојата ново откриена спонтаност, но во текот на овие 2 месеци не премислував, анализирав и планирав ништо. Само живеев!
Не постои по ослободувачко чувство од тоа само „да се биде“. 

ЗНАЧЕЊЕТО НА ДРУГАРСТВОТО

Секој би помислил дека да поминеш 2 месеци секој ден со некого, ќе почне да те излудува. Секако дека секоја од нас си имаше своимоменти на криза, но таа Европска авантура беше најдобрата одлука што некогаш сум ја донела.

Никогаш нема да го цените пријателството повеќе од моментите поминати на заедничко патување.

Како моментот кога прв пат ќе ја видите Ајфеловата кула или кога го гледате зајдисонцето над Грчките острови, или кога одите на пикник во Фиренца.

Јас пораснав со овие девојки, со едната уште од градинка и го сакам секој момент од ова наше женско патување. Беше уникатно искуство што не поврза за цел живот.

НЕЗАВИСНОСТ

Ова беше најголемото откритие за мене. Доаѓам од мал град. Имам преубав однос со моето семејство, сигурна врска со момчето, во моментот супер работа и воглавно мирен живот дома. Не постоеше поголем тест од тоа да се научи да се биде малку независен.

На почетокот, бев несигурна – страни земји и сето тоа. Имаше многу моменти на патувањето кога се потпирав на моите другарки кога стануваше збор за планирање и ориентација, но наскоро научив дека постои посебно чувство на моќ, што го добиваш кога ќе се оделиш од сите за некое време. Чувство дека се ќе биде во ред иако немаш никој покрај тебе .

Ова беше можеби една од најголемите лекции што можев да ја научам. Дека сум доволна сама на себе си. Дека не ми треба семејството и момчето во секој момент од мојот живот и дека сум силна личност што знае да се грижи за себе си.

Ако можам да препорачам едно нешто, тоа да ги зграбчувате можностите пред себе. Оние можности што ве плашат и што ви изгледаат прекомплицирани и претешки за остварување. Не мора да биде патување, може да биде менување на работно место и селење во друг град, држава или дури и континент. Но, важно е да имате верба и да скокнете!

“Се што ви треба се 20 секунди луда храброст и ви ветувам, нешто неверојатно ќе произлезе од тој момент ”
– Benjamin Mee

Тие 20 секунди храброст за мене беа кога го букирав патувањето за Грчите острови. За тебе можат да бидат за било што. Можеби ќе те доведат до големи нешта можеби не, но на крајот на краиштата ќе знаеш дека си пробал. Ќе знаеш дека си живеел! 
by One Gipsy Soul
Ако имате приказна што сакате да ја споделите или мислите дека вреди да се објави пишете ни на info@staff.mk