За Софија, главниот град на Бугарија, повеќето од нашите граѓани знаат многу. Се оди таму по работа, за забава, пазарувања, на концерти. Денес овој град, во подножјето на планината Витоша, има преку 1.500.000 жители. Заради својата богата историја, тој е мета на многубројни туристи од целиот свет.

Убав град со симпатични и убави луѓе, особено жени, кои со задоволство ќе ви раскажат интересни приказни, ако случајно ги застанете на улица. Животот, слично како и кај нас, и овде се одвива смирено и без нервози.

Остатоците од стариот град Сердика и денес постојат, а во центарот секојдневно се вршат големи ископувања и истражувања. Некогашниот Колосеум и античката Сердика се многу посетени од туристите. Кога ќе шетате по софиските улици, ги разгледувате нејзините споменици и архитектонските зданија, вие ќе се воодушевувате. Кога ќе седите во некоја од софиските кафеани, шетате по улиците и парковите или разговарате со луѓето, вие ќе ја засакате Софија.

Има нешто посебно во доцното есенско шуштење на паднатите лисја по тротоарите додека шетате низ софиските улици. Како да има само нешто ваше во атмосферата на софиските кафеани и ресторани во самракот, кога темнината започнува да ги брише дневните отсјаи, во треперењето на светилките на Витошка улица… И додека оној забрзан, работен ритам со играта на светлото и сенката полека исчезнува, друг ритам се буди со повик во ноќниот живот, посета на театри, кина, концерти или пак ресторани и клубови за млади. Градот е посебен, полн со приказни кои не можат до крај да бидат раскажани. На приказната, се разбира, и вие ќе ѝ додадете нешто свое.

Софија – името на градот, значи мудрост. Ова име го носи уште од 1376 година. Улиците на градот и неговите споменици живеат илјадници години. Се смета за еден од најстарите градови во Европа со историја долга околу 7.000 години. Во својата долга и богата историја, војските што го освојувале не го рушеле и палеле градот, така што Софија и денес претставува ризница на многу архитектонски знаменитости. Архитектурата на Софија уверливо и со гордост ги прераскажува минатите времиња.

Сепак, својата најголема вредност ја покажува во моментите што ни ги дарува, со убавината и посебноста што ја дели со нас. И станува поголема за нашата радост, а ние побогати за пријателството со градот. Ако градовите имаат срце, а секако дека го имаат, тогаш срцето на градот е неговиот центар и улицата „Витошка“. Тоа е местото на градот каде што сите итаат. Ако со некого треба да се најдете, а не сте се договориле каде, ќе се најдете тука. Тука водат сите патишта, тука секогаш некој некого бара или дочекува.

Реткост е улицата да се види празна, забрзани минувачи, пријателки фатени под рака загледани во излозите, преполни кафулиња. Целата улица е пешачка зона и луѓето се движат спокојно по неа од центарот во правец на планината Витоша и обратно. Чекор по чекор, застани, разгледај наоколу, направи муабет со пријателите, напиј се некаде кафе и оди понатаму. И кој би знаел зошто баш тука, на оваа улица, во својот дел од пешачката зона во големата низа кафеани го наоѓаш своето место за мал одмор, место во кое по навика ќе испиеш пијалак, ќе сретнеш пријатели или, едноставно, ќе гледаш во луѓето што поминуваат. Тие секојдневни ритуали се дел од оваа улица, кои така брзо ги откриваат, а потоа ги прифаќаат и многубројните посетители на градот.

Во самиот центар се наоѓа единствената останата џамија Бања баши која е споменик на културата, но затоа пак Софија изобилува со мноштво цркви. Позначајни се црквите Свети Јурај, Света Софија, руската црква Свети Николај и, секако, најголемата и најубавата Александар Невски која е позната и како Златната црква.  Црквата Александар Невски ја проектирал рускиот архитект Александар Померанцев со соработниците. Конечниот проект е завршен во 1898 година, а изградбата е започната во 1904. Завршена е во 1912 година. Во 1916-та ѝ го менуваат името во Свети Кирил и Методија за во 1920-та да ѝ го вратат старото име.

Во строгиот центар на Софија се наоѓа и синагогата која е втора по големина во Европа. Улиците и парковите во Софија се испреплетуваат. За парковите се води сметка, а Борисовата градина е еден од најубавите паркови во градот. И младите и постарите жители таму одат во текот на целата година. Паркот раскажува приказни од минатото, но со испреплетените раце на заљубените, со детскиот смев ја испишува и радоста на сегашноста.

Кога ќе се помине големата зграда на Народната библиотека и споменикот на Кирил и Методиј, влегувате во сплет на тесни улички кои се карактеристични за стариот дел на градот. И низ овие улички поминуваат трамваи и тролејбуси, минатото се испреплетува со сегашноста.

Монументалната зграда на Народниот театар Иван Вазов, со својата големина и црвено обоена фасада со златни детали, го краси централниот дел на градот. Се забележува влијание на руската архитектонска школа на многу згради. На Плоштадот на независноста како оригинално решение се издвојува Претседателската палата.

Една од најубавите улици во Софија е поплочена со жолти цигли и се наоѓа во самиот центар, помеѓу црквата Александар Невски и руската црква Свети Николај. На нејзиниот крај се наоѓа импровизиран пазар каде што се продава сè и сешто. Фудбалскиот стадион “Васил Левски” е еден од најголемите стадиони во Бугарија. Покрај спортистите, овој стадион го користат и многу познати светски групи и пејачи за концерти на кои доаѓаат млади од целиот регион.

Во градот има многу луксузно уредени продавници и кафулиња, многу светски брендови се дојдени тука. Особено се убави големите трговски центри во кои е многу живо. Тука ги има и продавниците на „Метро“ како и на „Икеа“. Данокот на додадена вредност им е само 10%,  што влијае цените на многу производи и услуги да се многу поевтини од нашите.

Ако отидете на неколку стотини метри далеку од центарот, навлегувате во една друга Софија. Тука нема многу раздвиженост, фасадите на куќите и зградите не се обновени, времето како да застанало.

Итањето на луѓето што се забележува во центарот, тука се прелева во опуштеност и стариот дух на градот во амбиентот на старите куќи живее некој друг живот. Те обзема некаква носталгија за времињата што неповратно заминале и чиниш дека тука можеби заради нас, некој намерно ги застанал.

Софија е само на неколку стотини километри далеку од нас. Луѓето се слични на нас, љубезни и гостопримливи, а и со јазикот немаме многу проблеми. Препорака за сите што не биле или пак одамна не биле, да ги спакуваат куферите и да ја посетат Софија.