Подобро да патувате, отколку да купувате.

Научниците одамна докажаа дека оваа изрека е вистинита и го потврдија она што вљубениците во патувањето веќе добро го знаат. Наместо да трошиме пари на материјални работи, треба да се вложува во нови искуства.

 

Истражување кое е спроведувано во тек на 20 години, покажало дека луѓето кои ги трошат своите пари на материјални работи потешко стануваат и остануваат среќни. Како се навикнуваме на новите предмети, нештата што долго сме ги посакувале, стануваат стандард. Додека, трошењето пари на нови искуства е инвестиција кон нашата долгорочна среќа. Убавите спомени и средби будат убави чувства во текот на целиот живот.

Патувањата ни го отвораат умот и не учат за светот и за нас самите.

Можеме да прочитаме цела библиотека или во денешно време да изгледаме стотици туторијали, но тоа што се учи од интеракција со луѓе, кои потекнуваат од други поднебја, запознавањето на нивните култури, обичаи, погледи на светот и секојдневието, тоа ни отвара еден цел нов свет пред очи, кој не може да се доживее преку Google.


Нови пријателства.

На патување ќе осознаете дека е многу полесно да се отворите кон нови пријателства и со нив да остварите длабоки врски како што имате со долгогодишни пријатели од секојдневието.

Од патување ќе се вратите со милион приказни, кои ќе ви останат засекогаш.

Размислете дека еден ден вашите внуци нема да ги импресионира тоа дека сте поседувале IphoneX, но со возбуда ќе слушаат за вашите искуства и авантури.

Искуствата стануваат дел од вас, предметите не!

Можеби сте го засакале вашиот телефон како да е дел од вас и не можете без него, но суштински стекнатите искуства се вистински дел од вас.

Конзумеризмот никогаш не води кон задоволство, само ја засилува желбата за купување.

Што повеќе купувате, толку повеќе сакате да купувате нови работи. Од друга страна кога го обиколувате светот со толку работи што ги собира во еден ранец, сфаќате колку малку ви е потребно.

Матерјалните работи не траат.

Матерјалните работи се кршат, оштетуваат, застаруваат, стануваат вишок. Често пати некој нов предмет, нема да ги исполни нашите очекувања, па само ни предизвикува разочарување и фрустрација, наместо задоволство. Вистина е дека и во тек на патувањата се случуваат непредвидени работи. Но од тие ситуации излегуваме побогати со искуство, а и со по некоја анегдота.

Патувањата се уникатни искуства

Да имаш скап автомобил не е уникатно искуство. Автомобилот не е персонализиран, туку продукт на масовно производство кој го поседуваат илјадници луѓе. Од друга страна секое патување е уникатно искуство што не може да се повтори. А тоа е непроценливо!

Нема да зажалите за парите што сте ги потрошиле на патување.

Искуство кое ослободува, отвора нови и неочекувани видици и представува одличен начин на инвестиција во себе!