Во 2011 првпат се заљубив во ова место. Веќе бев многу заљубена затоа и е неверојатно што моето срце направи толку простор за нови луѓе, искуства и за ова место кое ми влезе под кожа. 7 години подоцна интензитетот на носталгија никако да се намали. Мојата љубов кон овој остров како зараза се пренесе и на мојот сопруг кој не случајно го запознав токму таму (лета подоцна), па понатаму и на децата. Можеби тоа е и една од причините поради која од лето во лето не правиме исклучок да го посетиме.

Ако ја сфаќате романтиката како состојба на душата, како слобода да се биде тоа што си, а не само како однос помеѓу двајца. Ако сте страстен истражувач и најсреќни Ве прави исплнетиот идеал ќе знаете за што зборувам кога ќе го посетите овој остров.

За време на оваа 7 годишна врска (мислам на островот и јас) имам доживеано неазборавни, луди, тешки, среќни, мирни и страстни моменти, како и во секоја врска. По нив секогаш ќе ги паметам сите места кои сум ги посетила таму..

Но, верувале или не после толку време сепак сеуште постојат места кои ги немам видено. Разгледувајќи слики на Pinterest  се соочувам со мислата „чекај малку, каде е ова? И како не го знам местово?!“

Затоа ова лето имам листа!

Заедно со Глифада, Агиос Горгиос, Ипсос, Дасиа, Барбати, Акарави, Касиопи, Палеокастрица, Сидари, Кавос, Каламаки, Ла Грота и многу други кои сум ги посетила, знаете ли дека тука постојат 119 плажи?!

Листата ќе биде долга, но ајде да почнеме со некои од најфасцинатните. Веќе знаете за кое место зборувам?

ПЛАЖИТЕ НА КРФ ЗА ЛЕТО 2018

PORTO TIMONI

Позната е изреката дека важно е патувањето, а не дестинацијата, која во овој случај и не важи. Тука се важни и двете 🙂 До Порто Тимони може да се стигне по воден пат или пешки по една од двете патеки кои водат од селото. Патот е „трнлив“. Заборавете на апостолки 🙂

Плажите близначки, како што се нарекуваат се наоѓаат близу селото Афионас, на западниот брег на островот. Местото има природна и историска вредност, затоа што некогаш било пристаниште на кое имало и изградена тврдина. Двете плажи од два заливи гледаат на различни страни. Едната кон познатото летувалиште Агиос Гиоргиос, а другата кон островот Матраки. Двете плажи се со мали камчиња и транспарентно сина вода. Но не се урбанизирани, па затоа земете си со себе ранец со се што ви треба за целодневна екскурзија.

PARADISE BEACH и STELARI

Плажите соседки се достапни само со чамец, брод, кану … Не знам дали е по романтично да ги гледаш од далеку или да ги доживееш. Јас го правев токму тоа неколку години по ред. Удобно сместена во барот на La grotta, кој се наоѓа наспроти нив, со коктел или ладно пиво во рака, уживајќи во глетката си замислував како е да си таму, си фантазирав за вечерни журки со бродови или романтично кампирање. На 100м од моите нозе секогаш стоеше чамец кој вози до таму кога ќе посакаш, но ете… 🙂 Ова лето ќе скокнам во него.

Дополнителен опис за самите плажи не е потребен. Понекогаш сликите навистина вредат 1000 зборови. Се што треба да знаете е дека треба како да стигнете до Палеокастрица, па од таму имате многу различни можности за превоз.

MARATHIAS BEACH

Долга, песочна, идилична. Оваа плажа се наоѓа на јужно- западниот брег на Крф. Панорамскиот поглед кој го нуди, заедно со златниот песок и кристално чистата вода ги задоволува сите вкусови. Секоја година оваа плажа освојува сино знаме како знак на една од најчистите и најуредените плажи на Јонското море. Глетките на зајдисонцето од тука одземаат здив.

Chalikounas beach, Lake Korisson и Issos beach

Езерото Корисон е најголемото езеро на островот, лоцирано во јужниот дел на Крф, близу селото Argyrades.

Тесна земјена линија го дели езерото од јонското море со што создава две неверојатни песочни плажи Chalikounas  и Issos. Регионот е заштитен поради природните богатства населени на овие 2,428 метри квадратни површина.  Малите кревети од трска, тамариските дрва, белите лилјани и 14 видови на орхидеи ја дополнуваат сликата на песочната лагуна. Езерото е дом на 126 видови птици меѓу кои и егзотичното фламинго.

Во јужниот дел на плажата Chalikounas е местото каде езерото се соединува со морето преку тесен воден канал. Малечок дрвен мост ќе Ве однесе во прекрасната шума формирана врз песокот, од каде се издолжува плажата Issos со златен песок до каде што Ве носи окото.

Logas Beach, Peroulades и 7th Heaven Cafe

  

Започнавме со романтика, па така и да завршиме. Оставете ден и за северниот дел на островот. Покрај фамозното Сидари и каналот на љубовта, во близина се наоѓа и ова место.

Ако на google ги побарате најдобрите зајдисонца, летен амбиент и музика на Крф, дефинитивно ова место ќе се најде меѓу резултатите. Плажата е малку помала, но ресторан- барот со својата локација, атмосфера и ентериер се вредни за секоја минута помината овде.

Се надевам дека барем малку Ви се разбранува фантазијата… Јас. Јас ги бројам деновите..

Corfu, i’ll see you soon!

 

by Gia 

Ако имате приказна што сакате да ја споделите или мислите дека вреди да се објави пишете ни на info@staff.mk