Лао Цунг рекол: „ Патување од илјада милји почнува со еден чекор“.

Еден чекор во вистинскиот правец може да ве однесе многу далеку. За нас ова лето тоа беше нов чекор. Чекор во правец кон нова, неистражена дестинација, потенцијална летна приказна за нас и нашите лојални патници.

Како вљубеници во јонското море не сакавме да се откажеме од него. Затоа размисливме. На што прво помислуваме кога ќе се спомене Грција? На убавите плажи секако! А најубавата плажа во Европа се наоѓа на еден од јонските острови – Кефалонија.

Одлуката беше оправдана од самиот почеток. Термините за оваа нова приказна на Кефалонија се распродадоа во рекордно време.

Чудесните пејзажи, мирот на островот, и вечерните забави во заедничка организација со тимот на БалканФан ни овозможија во целост и успешно да ви ја презентираме оваа дестинација и на наше големо задоволство сите патници да се вратат среќни од својот годишен одмор.

Кефалонија се вбројува меѓу најубавите туристички места на светот. Николас Кејџ и Пенелопи Круз го издигнаа во иконична дестинација преку филмот снимен по романот „Мандолината на Капетан Корели“ И покрај тоа, и покрај пространите шуми, високи планини, миризливи полиња и најубавите плажи на Медитеранот, овој остров никогаш не стана синоним за масовен туризам. Напротив, останува традиционален и на моменти се чини како времето да застанало.

Порос беше нашата база за ова лето. Порос е релативно мало место за вистински одмор, но ние не дозволивме да ви биде здодевно преку многуте екскурзии, крстарења, вечерни забави, дружењето со патниците од Србија итн.

Ја посетивме песочната плажа Скала која ни беше најблиска и каде по поминатите часови уживајќи под сонцето со погледот на кристално чистата вода, можевме да се освежиме со коктел. 1,2 ,3 и во забава се претвори. За тоа беше идеален и подготвен Ammos Beach bar кој повторно не пречека и за вечерна журка. Следуваше посетата на плажата Антисамос, препознатлива по белите камчиња и прекрасните бои на водата. На почетокот бела како млеко, па небесно сина се до тиркизно сина вода. Покрај овие убавини овде уживавме и во водните спортови кои го будат детскиот дух во секого од нас.

Следна на листата беше плажата Makros Gialos со beach bar-от Costa Costa. Урбано уредена песочна плажа во близина на местото Ласи и градот Аргостоли.

И конечно стигнавме и до горе споменатата најубава плажа во Европа. Плажата Миртос. Првата слика која ќе ја најдете при пребарување на било какви информации за Кефалонија на интернет. Следствено на тоа и број еден инспирација за насловните страни на Фејсбук.

Плажите не беа единственото задоволство кое ни го овозможи Кефалонија. Ја доживеавме и етно турата преку која имавме можност  да го откриеме културното богатство на овој остров. Го посетивме манастирот Св.Герасимос, именуван по светецот заштитник на островот, за кој легендата вели дека ги протерал демоните од Кефалонија. Тука имамвме уникатна можност да дегустираме од домашните вина на локалната винарија Робола и да се возиме со кајче низ едно чудо на природата, пештерата Мелисани.

Главното место Аргостоли не забавуваше со својата културно-уметничка летна програма. Аргостоли бил срамнет со земја, како и 60% од целиот остров, за време на страшниот земјотрес во 1953год. Земјотресот траел само 28секунди, но за Аргостоли и за Кефалонија, тие кобни секунди значеле огромни штети кои натерале над 100.000 луѓе да го напуштат својот дом и да се иселат од островот. Градот е целосно обновен со помош на донации.  Аргостоли ни понуди и единствен поглед во чудесниот морски свет. Тука ја видовме желката карета карета, која го посетува пристаништето поради големиот број на риби со кои се храни. Како што вели авторот на романот „Мандолината на Капетан Корели“, под вода на Кефалонија може да се види повеќе, бидејќи е побистра од воздухот на некои места.

За крај доколку не ја доживеавте преубавата Кефалонија со нас, погледнете го горе споменатиот филм, кој барем малку ќе ви ги доближи убавините на овој остров.